Ќе бидам претседател на сите. Ќе бидам претседател на државата од која нема да се срамите и тука и во странство. Ќе бидам сојузник во остварување на интересите на граѓаните, рече во своето обраќање Стево Пендаровски, победникот на претседателските избори. Обраќањето го започна со благодарност до граѓаните на македонски и на албански јазик. 

„На овие кристално чисти, фер и демократски избори, европски избори, одлучивте да продолжиме заедно напред, ова денес беше нашата достоинствена Македонија, нашиот мудар народ, победа на мнозинството граѓани независно од каква било припадност и продолжуваме заедно напред. Никогаш повеќе режим. Денес победија граѓаните и свечено објавувам дека ќе им служам посветено на сите”, истакна Пендаровски, и уште додаде дека ќе се залага за правичност и правна држава, ќе овединува и нема да дели. 

„Мојата мисија е сите да одиме заедно напред. Ќе бидам фактор на стабилност, а не фактор на кризи. Отворен ни е патот на слободна иднина”, порача Пендаровски. 

На крајот освен благодарност за премиерот Зоран Заев за поддршката и за вербата дека е можен успех на концептот „заедно напред”, Пендаровски се заблагодари и на противкандидатите на изборите за придонесот и учеството во овие, како што кажа, кристално чисти и демократски избори.