Претседателот Стево Пендаровски ги прими членовите на новиот состав на преодната влада за спроведување на парламентарните избори, соопшти Кабинетот на претседателот.

Но, од она што е прикажано на фотографијата, во составот ги нема новите членови на владата, техничките министри за внатрешни работи и труд и социјална политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев и Рашела Мизрахи.

Претседателот Пендаровски го честита изборот на новиот владин состав, и изрази очекување во овие историски моменти за нашата држава, кога треба да се заокружи полноправното членство во НАТО и да се одреди датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија, да го потврдиме демократскиот капацитет на Македонија и да се спроведат предвремените парламентарни избори во фер и демократска атмосфера, соопшти Кабинетот.