Знам дека многу млади од Северна Македонија не се задоволни со резултатите постигнати во борбата против корупцијата и организираниот криминал, непотизмот или со ефектите од економските и образовните политики, изјави претседателот, Стево Пендаровски, на 18. Меѓународна младинска конференција, на тема „Европските вредности за иднината на земјите од Југоисточна Европа“, којашто поради пандемијата се одржува виртуелно.

„Младинското незадоволство е секогаш лоша вест бидејќи покажува дека политичарите не успеале да изградат инклузивно општество, растечка економија и култура на дијалог. Истовремено, се додека младите се незадоволни, но се подготвени да направат нешто во врска со тоа, има надеж за сите нас. Би требало да бидеме многу позагрижени доколку вие, младите станете рамнодушни, што би значело дека ги прифаќате недостатоците на системот или ќе барате подобар живот во странство. За жал, секојдневно, многу млади ја одбираат или едната или другата алтернатива“, рече Пендаровски.

Според него, пандемијата дополнително ја комплицира и онака сложената состојба. Се предвидува и релативно високо ниво на структурна невработеност, особено меѓу младите, а, на глобално ниво, околу 180 милиони млади се вработени во секторите што се најпогодени од пандемијата, при што еден од шест млади луѓе во светот е невработен.

„Во вакви тешки, но и во нормални услови, политичарите мора да најдат начин не само внимателно да ги слушаат младите, туку и да ги вклучат младите во креирањето на политиките и носењето на одлуките. Со таа цел, пред неколку дена, беше формиран Претседателски центар за политичко образование кој треба да ја продлабочи врската меѓу младите и институциите. Овој центар треба да им помогне на младите да научат за политичката култура, демократијата, човековите права и слободи, толеранцијата и солидарноста“, рече Пендаровски.

Претседателот кажа дека стагнацијата во интеграцискиот процес отсекогаш била извор на фрустрации и разочараност, поле за игра за националистите и отворена покана за малигните геополитички влијанија.

„Со одлагањето на процесот ќе се прати погрешна порака не само до македонските граѓани, туку и до целиот регион – имено, дека една земја може да направи и најтешки одлуки и да поднесе најголеми жртви, а сепак да не го добие она што го заслужува“, рече Пендаровски.

извор: Makfax