Претседателот Стево Пендаровски во пресрет на одбележувањето на 5 Декември – Меѓународниот ден на волонтерството, учествуваше на онлајн вебинар настан организиран од Црвениот крст под мотото „За сите наши волонтери”.

Претседателот Пендаровски, во име на Црвениот крст, на сите волонтери им го додели Признанието насловено „За сите наши волонтери” за севкупниот придонес во обезбедувањето поддршка за различни целни групи на население погодени од пандемијата со Ковид-19 во Република Северна Македонија.

„ Дозволете ми, во името на сите граѓани да им кажам едно големо благодарам на сите волонтери за нивната пожртвуваност, одговорност и посветеност. Сево ова е посебно видливо во овие вонредни услови во кои се наоѓаме заради пандемијата на Ковид-19, кога ни се потребни сите материјални, медицински, но, пред се, човечки ресурси”, порача претседателот Пендаровски.

Честитајќи го Меѓународниот ден на волонтерството, претседателот Пендаровски посочи дека волонтерите на Црвениот крст кои се вклучени во помош и поддршка на луѓето кои се во незавидна состојба како резултат на пандемијата, претставуваат мотив и инспирација за сите останати и позитивен пример што ја враќа надежта во човечноста и хуманоста.

„ Денес, кога целиот свет се бори со пандемија, треба сите да покажеме солидарност и одговорност, затоа што само преку развиена колективна свест ќе постигнеме заеднички напредок”, им порача претседателот Пендаровски на волонтерите од Црвениот крст и истакна дека нашата држава се гордее со сите нивни досегашни активности и придонес во унапредување на добросостојбата на сите граѓани.

Претставниците од Црвениот крст изразија благодарност до претседателот Пендаровски за неговата континуирана поддршка на сите социјални и хумани активности на нивната организација.

извор: Makfax