Без доверба во институциите ја ризикуваме и нашата национална безбедност, истакна претседателот Стево Пендаровски, кој денеска се обрати на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.

Пендаровски ја нагласи обврската на оваа политичка генерација за воспоставување систем за ефикасно справување со криминалот и корупцијата. Историјата нема да ни прости, вели Пендаровски, ако и овој пат не бидеме на вистинската страна како што бевме и за време на Втората светска војна.

„Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и од нас, политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани. Најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции. А, таа доверба се заслужува само преку одговорна политика и бескомпромисна борба со оние кои ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ. Ако не сме сите еднакви пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива“, додаде Пендаровски.

Во обраќањето пој потсети дека годинава станавме 30-та членка на НАТО, и рече дека членството е резултат на волјата на големото мнозинство наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади во изминатите три децении.

„Полноправното членство во НАТО немаше да биде возможно без напорите во континуитет и професионалниот однос на сите припадници на Армијата, без луѓето кои секогаш се главната динамична сила на интегративниот процес. Нашето членство е резултат на темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите жени и мажи во нашите вооружени сили, и нивното учество во ризичните мировни мисии во светот“, нагласи Пендаровски.

Рече дека во остварувањето на нашата стратешка цел секогаш ја имавме и конзистентната поддршка од државите членки а меѓу нив, посебно место има поддршката од Соединетите Американски Држави, па затоа денес ја одликувал со Орден за воени заслуги Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави.

„Орденот е симболичен израз на благодарноста на македонските граѓани кон Соединетите Американски Држави и пријателскиот американски народ за сета поддршка во сите изминати децении“, истакна претседателот.

Пендаровски денеска со Орден за воени заслуги одликувал и две единици на Армијата кои зад себе имаат забележителни резултати.

„Покрај нивниот ангажман во мирнодопски услови во земјата и во меѓународни мисии, овие две единици и во услови на прогласена вонредна состојба даваа голема поддршка на другите институции, особено на министерствата за здравство и за внатрешни работи и на единиците на локалната самоуправа“, додаде Пендаровски.

 

Неговата врвна политичка заложба како Врховен командант, а тоа го очекува и од новата влада е во следните години да се оствари зацртаната цел за вложување на најмалку 2% од БНП во модернизацијата и развојот на Армијата.

 

извор: Makfax