Во “мајсторката” од финалето на плеј офот на ракометната Мобимак Супер лига, Пелистер К. го совлада Металург (33:28) и со тоа ја освои шестата по ред титула, триумфирајќи со вкупен скор во победи од 2:1 Самата средба беше рамноправна само до 10 минута, кога гостите од Скопје одржуваа резултатска рамнотежа (4:3, 12. мин.). По ова следеа добри минути за Пелистер, во 15 минута веќе беше 8:3, а највисока предност ја имаше во 22 минута – 13:6. Во второто полувреме битолчани продолжија со истата игра, па Металург ја изгуби битката за титулата. Во ова финале треба да се одбележат одличните одбрани на битолскиот голман Петар Ангелов, вкупно 20, а со ефикасноста се истакнаа и Стевче Алушевски, Пепи Манасков и Наумче Мојсоски, додека одлична игра во одбраната имаа Зарков и капитенот Николовски. – Ова е наша втора титула сезонава и секако сум пресреќен. Во текот на првенството одигравме најквалитетно и најконстатно со што ги заслуживме двете титули. Им честитам на гостите за коректната и пожртвувана игра во Битола, но сепак ние бевме фаворити и го оправдавме тоа, ни рече тренерот Шундовски по средбата. Тренерот на Металург, Гино Стрезовски им ја честита победата на битолчани и двата трофеја: – Во првото полувреме одржувавме рамнотежа, но во второто направивме многу грешки, па квалитетот на битолчани дојде до израз. Заслужена победа, заслужени две титули и желби за натамошен успех. Капитенот на Пелистер, Игор Николовски за 20-тина дена во своите раце имаше два големи пехара: “Ретко кој капитен доживува во својата кариера во една сезона да има два значајни трофеја во своите раце, а мене тоа ми се случи. Им благодарам на соиграчите, тренерот и управата, а секако и публиката, бидејќи сите заедно дојдовме до овие две титули, што ги чекавме цели пет години. Пехарот и медалите на двете екипи им ги доделија Трифун Костовски, претседател на РФМ и Спире Мавровски потпретседател на РФМ, а во Битола од активното судење се прости Драган Начевски.

ПЕЛИСТЕР К. – МЕТАЛУРГ 33:28 (17:11)

БИТОЛА.- Спортска сала “Младост”. Гледачи 4.000. Судии: Марјан и Драган Начевски од Скопје. Седмерци: Пелистер К. 4 (2), Металург 5 (2). Исклучувања: Пелистер 10 мин., Металург 12 мин. Црвен картон: Ѓоргоновски (М). ПЕЛИСТЕР К.: Ангелов (20 одбрани), Тосковски (2 одбрани), Николовски 1, З.Мојсоски, Зарков 3, Јанкуловски, Јовиќ 3, Поповски, Ангеловски 1, Димовски 4, Манасков 7, Петковски, Алушевски 8, Н.Мојсоски 6. МЕТАЛУРГ: Ристовски (18 одбрани), Колев (2 одбрани), Зубиќ 5, Кузмановски 5, Наумовски, Димитровски 1, Котевски 1, Павловски 3, Новаковски 1, Чантурија, Ѓоргоновски 2, Лазаров 7, Клинчаров 1.


Сашо РИСТЕВСКИ ФОТО: В. ПЕРКОВСКИ