Дел од пелагониските земјоделци, вчера, конечно преку “Тетекс кредитна банка”, ги подигнаа парите што им ги должи мелничкиот комбинат “Жито Битола” за откупената пченица од ланската реколта. Списоците со имињата на земјоделците претпладне беа објавени пред управната зграда на Комбинатот. За да нема турканици пред шалтерите на банката, земјоделците беа распоредени да ги подигаат парите во различни денови. Договорено е исплатата да се реализира во седум работни дена и со тоа конечно да се стави крај на повеќемесечните протести на земјоделците.
Со почетокот на исплатата, практично се спроведе правосилното судско решение со кое државата му исплати на Жито Битола над 50 милиони евра за неисплатена премија од реколтата од 2001 година.
Земјоделците вчера изјавија дека поради протестите и неизвесноста околу исплатата на парите голем дел од нив не ги засадиле нивите. Тие се жалат дека немаат пари за семиња, а уште помалку за скапата нафта поради што годинашното производство на леб може да биде загрозено. (В.Ма.)