Каматната стапка на благајничките записи почна драстично да се намалува. На вчерашната аукција, просечната камата за првпат се спушти на 8,88 отсто или за нешто повеќе од еден процентен поен. До пред неполни месец дена оваа камата на записите беше позиционирана на 10 отсто, но од 26 минатиот месец, Народната банка на Македонија воведе нови правила на игра со благајничките записи, со која и се очекуваше да дојде до намалување на каматите. Во обид да го спречи одлевањето на државните пари за камати, таа ја релаксира монетарната политика и благајничките записи на деловните банки им ги продава по нов модел, преку тендер, со затворени понуди, во ограничен износ, без однапред позната и утврдена камата како што беше досега.
Со вчерашната аукција се потврдија очекувањата на Централната банка и банкарите дека со овој нов модел ќе дојде до намалување на каматите на записите што, пак, ќе влијае врз висината на банкарските камати кои се очекува, конечно, да почнат да паѓаат. Банкарите велат дека вчерашниот пад на цената на записите и стабилната макроекономија се вовед кон сигурно и постепено намалување на каматните стапки, кои за неколку години ќе бидат многу блиску до оние во земјите од еврозоната.Со сегашниве камати, кои во просек се околу 17 отсто, Македонија држи неславни рекорди, бидејќи во европските држави просекот е меѓу три до четири отсто, а во соседните транзициски економии стапките се на ниво од четири до максимум шест проценти.


Весна М. БОЖИНОВСКА