Паѓаат каматите на денарските кредити
Стопанска банка- Скопје од утре ги намалува каматните стапки на сите кредити. Намалувањето се однесува на кредитите што се пласираат на стопанството и на граѓаните. Како што изјави за “Вечер” првиот генерален директор на Банката, Глигор Бишев, каматните стапки се намалуваат само на денарските кредити, додека на девизните таа останува непроменета. Па, така, каматата на кредитите за претпријатија која сега изнесува од 10 до 14 отсто, се намалува на 8,75 до 13 отсто во зависност од висината на кредитот, рокот на отплата и видот на обезбедувањето. Каматните стапки на кредитите што Банката ги одобрува на населението, а кои сега се движат од 13 до 23 отсто, од утре се намалуваат и ќе се движат од 11,5 до 21 отсто.
“Стопанска банка перманентно ги следи и анализира движењата на пазарот на пари и сигналите на монетарната власт. Откако утврдивме дека падот на каматата на благајничките записи е од траен карактер, донесовме одлука да ги намалиме каматните стапки на денарските кредити, кои ќе важат од 1 идниот месец”, вели Бишев.
Инаку, од утре кредити со пониски камати ќе може да се добијат и во Тутунска банка и во Комерцијална банка, кои, исто така, минатата недела донесоа одлуки за намалување на кредитниот колач што го нудат на граѓаните и на стопанството.
Весна М. БОЖИНОВСКА