Ерменија мораше да потпише договор за ставање крај на непријателствата во Нагорно-Карабах за да спречи воен колапс, рече ерменскиот премиер Никол Пашинјан, пренесува ТАСС.

„Ако борбите продолжеа, имаше голема веројатност Степанакерт, Мартуни и Аскеран да паднат. Последователно, илјадници наши војници можеа да бидат опколени, односно ќе се случеше колапс. Мораше да го потпишеме тој договор “, посочи тој.

Според Пашинјан, одлуката е донесена по препораките на Генералштабот и раководството на непризнатата Република Нагорно-Карабах.

На 9 ноември, рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах, почнувајќи од 10 ноември.

Рускиот лидер рече дека азербејџанските и ерменските страни ќе ги задржат позициите што ги зазеле и дека во регионот ќе бидат распоредени руски мировници. Покрај тоа, Баку и Ереван мора да ги разменат заробениците и телата на убиените.

Вчера Министерството за одбрана и Генералштабот на Ерменија соопштија дека вооружените сили ќе го почитуваат договорот и ги повикаа луѓето да се воздржат од активности што ќе ја дестабилизираат ситуацијата во земјата.

Ерменскиот претседател Армен Саркисјан најави почеток на политички консултации за ситуацијата по потпишувањето на договорот за Нагорно-Карабах.

 

извор: Makfax