Сопственикот на новоотворениот дневен весник на албански јазик “Лајме”, Беџет Пацоли и “фрлил око” на големата зграда на поранешниот Дом на печатот. Дознаваме дека тој деновиве го посетил ликвидираниот НИП ” Нова Македонија” и кај стечајната управничка Ангелина Гогушевска се интересирал за состојбата и за вредноста на четиринаесеткатницата. Притоа, како што велат наши извори, на стечајната управничка и рекол дека бараната сума од 13 милиони евра била преголема. Оваа сума инаку беше барана на првиот тендер на кој не се пријави никој, а според најавите, веќе идната недела, веројатно, ќе се распише и вториот на кој почетната цена ќе биде помала од 30 отсто (8,7 милиони евра). Ако и тој биде неуспешен, наесен ќе се оди на трет на кој почетната цена не смее да биде помала од 50 отсто од проценетата, што значи ќе се стартува со 6,5 милиони евра. За Пацоли, кој досега на нашата јавност и беше познат по пишувањата на странските медиуми и тоа, меѓу другото, за женидбата (па потоа разводот) со познатата италијанска пејачка Ана Окса, како и за “сомнителното потекло” на богатството со кое располага (според пишувањата 2,2 милијарди евра), веќе подолго време се зборува дека има намера да влезе во бизнис и во Македонија. Односно, дека ДУИ треба да му се оддолжи за поддршката давана за време на конфликтот во Македонија. Буткањето на идејата Аеродромот во Скопје што побрзо да се даде под концесија, во што се ангажирани и министерот Џемаил Мехази, директорот на Аеродромското претпријатие Орхан Рамадани и на Воздухопловните власти, Илир Мехмеди, се поврзуваше со намерата иден концесионер на аеродромот “Скопје” да стане токму Пацоли. Тој, како што велат некои извори, истите намери ги има и за Приштинскиот аеродром. Односно, дека поради “стеснетиот круг” на работа во западноевропските земји ги сели бизнисите на Балканот. Отворање на весникот “Лајме” кој се издава и во Приштина и на чие чело е еден од петте браќа на Беџет, Селим Пацоли бил еден од првите чекори. Тој се зборува дека е сопственик и на 25 отсто од капиталот на телевизијата АЛСАТ (која доби национална концесија), а имал намера и целосно да ја купи од актуелниот доминантен сопственик, Веби Велиа. Контраверзниот бизнисмен, кој е роден во околина на Приштина, инаку има фирма “Мабетех” во Лугано во Швајцарија. Во Приштина го реконструираше Парламентото на Косово и покрај весникот има и осигурителна компанија “Сигуриа”. Пацоли, како што тврдат добро упатени извори, доставил документи и за добивање на македонско државјанство.