Пациентите прифатени во скопските капацитети за дијализа
Сите 136 пациенти од “Чаир” се згрижени во скопските капацитети за дијализа, а тројца или четворица сами побарале да одат во Центарот за дијализа во Струга. Ова е урегентното решение кое е спакувано за неполни 24 часа по завчерашниот инцидент во одделот во Чаир, кој откако падна дел од таванот (повредени беа пациент и медицинска сестра) е затворен.
Најголемиот дел од чаирските пациенти – 71 се прифатени на Клиниката за нефрологија, каде што според директорката д-р Катица Зафировска е воведена нова смена со пренамена на дел од просториите и инсталација на нови апарати. Во центарот “Железарница” ќе се дијализираат 56 (воведена е трета смена), додека пак во Воената болница се згрижени 19 лица. Центарот за дијализа “Железарница” ќе биде засилен со пет медицински сестри и еден лекар од Клиниката за нефрологија, а во одделот на Воената болница привремено е прераспределен тим од лекар и три сестри.
Клиничкиот центар, во чии рамки е и Одделот во Чаир, вчера почнаа со реконструкција на целиот таван во овој објект, кој е предаптиран како простор за дијализа пред повеќе од 20 години. “Верувам дека уште во текот на денешниот ден ќе се избере изведувачот и дека сите работи ќе бидат завршени во најкус можен рок”, ни изјави вчера директорот на оваа институција, д-р Андреја Арсовски.
Според неофицијалните информации, се очекува санацијата на целиот таван во одделот во Чаир да биде завршена најдоцна за две недели, со оглед дека рокот во кој трите скопски капацитети за дијализа можат да работат со ваква оптовареност не е бесконечен. Министерот Владо Димов завчера најави дека концесијата на центрите за дијализа е официјалниот став на Владата како најефикасен модел за подобрување на условите и примена на веќе дефинираните стандарди, а почнувањето на постапката ја позиционира околу Нова година. (Р.Н.)