Во промотивната сала на репрезентативната Порта Македонија завчеравечер ширум беше отворена патеката кон дома на Катерина Грозданова.

Промоцијата на нејзиното првенче “На попатнина кон дома” собра околу стотина литерарни љубопитници кои преку педесетминутен перформанс уживаа во патувањето преку поезијата на Катерина, а за сите по душа и срце само “добрата Кети”.

Како малку да беа сите нејзини прозно-стиховни патешествија извонредно презентирани од сугестивно експресивниот настап на актерката Весна Стојановска-Николовска, и импресивните созвучја на Александра Кузман и Добрила Грашеска, па затоа енергијата која едноставно блескаше продолжи со дружба, насмевка и солзи…

Наместо “класичното” рецензентско искажување Катерина имаше 15 искажувања како блиц-крикови за нејзината реч, мисла, уметност и љубов…

Уште еден доказ дека на Попатнина кон дома од нашата Кети не е само обично книжуле и не е писание кое ќе биде мртво слово на хартија. Тоа ќе живее, пред се, поради љубовта создадена и пренесена во секое слово и реч!