“Пас” за референтните цени
Моделот за формирање на референтните цени за лековите што ги најавува Министерството за здравство е визиран од експертите на Светска банка. Според директорот на Бирото за лекови м-р Ромул Санџаковски, минатата недела целиот проект му е презентиран на консултантот, што преку Светската банка е ангажиран за оваа област. “Тој немаше некои посериозни забелешки и генерално го одобри концептот што го предлагаме за формирање на референтните цени”, ни изјави тој. На овој проект се работи подолго време, а како што објаснува Санџаковски при утврдувањето на референтните цени има два приода – едниот е за лековите кои се единствено регистрирани на македонскиот пазар, а другиот за оние кои се тендерираат на јавните повици. Во првиот случај, референтната цена, онаа што ќе им се признава на осигурениците ќе се утврдува како средна вредност, од цените на тој лек во две европски држави. За втората група лекови основа за утврдување на референтната цена ќе биде најниската тендерска цена, меѓутоа таа нема да биде дефинитивната, туку ќе биде “производ” на цената и квалитетот. Со овој модел на референтни цени се очекува да се воведе повеќе ред во фармацевтскиот сектор, а на пациентите да им се овозможи со доплата достапност на сите лекови од позитивната листа. (Р.Н.)