Заменик министерката за одбрана на Грција, Марија Коља-Царуха, изјави дека претставниците на нејзината партија „Независни Грци“ ќе ја напуштат владата доколку грчкиот Парламент го усвои договорот од Преспа, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Таа во интервју за радиото „Фокус ФМ“ рекла дека министрите од таа партија може ја напуштат владата поради потегот на грчкиот премиер во врска со овој договор.

„Се зависи од премиерот Ципрас. Сакам да верувам дека ќе одлучи одново да го преиспита ова прашање кое има големо политичко и национално значење“, рекла заменик-министерката.

Таа додала дека другата страна не се придржува до она што е договорено, истакнувајќи дека станува збор за прелиминарен договор меѓу двајца министри, но не и споразум, бидејќи, како што објаснила, документот се уште не е ратификуван од парламентите на двете земји.

„Не сакав да се заклучи овој договор. Ние се најдовме во влада со еден министер, г-дин Коѕијас, за кој верувавме дека ќе се ангажира за некои работи, но подоцна се појави различни елементи во договорот со кои не се согласуваме, генерално со терминот Македонија“, рекла во изјавата Коља-Царуха.

Коментирајќи во врска со нејзиниот партиски колега и пратеник Танасис Папахристопулос, кој јавно изјави дека ќе го поддржи договорот со Македонија и ќе даде оставка од пратеничкото место, Коља-Царуха објасни дека биле вложени големи напори тој да го промени своето мислење, но дека Папахристопулос останал на својот став.

 

извор: Makfax