Украинскиот парламент ја поддржа одлуката на претседателот на земјата, Петро Порошенко за воена состојба во рок од 30 дена поради инцидентот во керчската теснина.

Седницата на која требаше да биде одобрен указот за прогласување на воената состојба претходно беше одложена и започна со доцнење поради барања на дел од пратениците за детална дискусија пред да се пристапи кон гласањето, јавија локалните медиуми.

Исто така, парламентот за 31 март, следната година ги закажа претседателски избори во Украина.

Порошенко претходно вечерва соопшти дека ќе предложи до парламентот во земјата воената состојба да трае 30 дена наместо претходно најавените 60. Украинскиот претседател одлуката ја донел по консултациите со претставниците на политичките партии и со цел планираните претседателски избори во Украина непречено да се одржат во предвидениот рок. Втора цел, како што беше наведено, било спречувањето на шпекулациите дека воената состојба се воведува со цел да се одложат изборите.

извор: Makfax