Довербата на граѓаните во банкарскиот и финансискиот систем се зголемува, но нивото на заштедите се уште не е доволно за долгорочно инвестирање, е пораката на првиот човек на монетарната власт во земјава, гувернерот Петар Гошев, по повод вчерашното одбележување на Светскиот ден на штедењето.
Факт е, изјави гувернерот, дека штедачите доживеаја многу шокови во минатото, но, сега имаме стабилен банкарски и финансиски систем и како резултат на тоа и постојано зголемување на заштедите во банките во просек за 17 отсто. Според официјалните податоци на Народната банка на Македонија, заклучно со септември годинава, заштедите на населението во македонските банки достигнаа ниво од 53,8 милијарди денари или 880 милиони евра. Овој износ во однос на септември минатата година е зголемен за 16,9 насто, или споредено со декември лани порастот е за 14 насто. “Можеме да бидеме сосема задоволни со динамиката на порастот на заштедите, но се уште не сме задоволни со учеството на влоговите во БДП од 23 до 24 отсто, како што не сме задоволни ниту од рочноста на штедните влогови. Граѓаните се уште преферираат краткорочно штедење на кое отпаѓа дури 90 отсто од вкупните заштеди во Македонија, што не е добро за долгорочно инвестирање”, вели Гошев. Она што се забележува според официјалните податоци е дека граѓаните претпочитаат се уште да штедат во девизи, што пак зборува дека не е вратена довербата во домашната валута. Девизните депозити учествуваат со дури 70,80 отсто, а денарските со само 29,20 отсто во вкупните депозити. Орочените депозити гледано процентуално опфаќаат 50,63 отсто, а по видување 49,37 отсто.
“Ќе направиме се штедачите да не бидат разочарани во банките, а мерките што ќе ги преземаме ќе бидат уште поостри”, потенцира Гошев и додаде дека во Македонија се уште граѓаните премногу преферираат плаќања во кеш, поради што процентот на учеството на готовите пари во оптек е превисок во однос на другите земји и изнесува 50 отсто. Првиот човек на Централната банка не можеше со прецизност да каже колку пари граѓаните се уште чуваат под перница, но потенцира дека претпоставка е дека тој износ е уште многу голем. Во јавноста се калкулира со бројка од околу 500 милиони евра.
“Со враќањето на довербата има уште можност готовите пари да се слеат во легалните банкарски канали, а со тоа очекуваме дека стапките на пораст на штедењето ќе продолжат по нагорна линија”, изјави вчера првиот генерален директор на Стопанска банка и претседател на Здружението за банкарство, Глигор Бишев.


Весна М. БОЖИНОВСКА