На “парајлиите” во државава им останаа уште дваесетина дена да ја пријават на државата екстра заработувачката, по што Управата за јавни приходи ќе почне со “чешлањето” и казнувањето. Сите оние што покрај редовните плати во фирмите, заработуваат и “од други извори”, ќе мораат екстра заработувачката да ја пријават, или во спротивно ќе заработат прекршочни пријави и казна од 40 до 50 илјади денари. На 15 март истекува рокот што државата го даде на сите граѓани да го пријават својот екстра приход што го остваруваат покрај редовниот работен однос, а што го имаат остварено во текот на минатата година.
Даночниците веќе нема да имаат пардон кон ниту еден даночен обврзник, велат во Управата за јавни приходи. Особено не кон оние што добро профитираат членувајќи во управни или надзорни одбори на фирмите , од авторски права, кирии, капитални добивки на Берзата… Функционерите, пратениците, советниците и другите носители на јавни функции доколку, покрај тие функции, работат и како доктори, адвокати, професори или други професии ќе мора да го пријават својот екстра приход. Ќе мора да се пријават и надоместоците за работа на судии-поротници, потоа на вешти лица и стечајни управници, кои не се вработени во соодветните институции или друштва, надоместокот на членовите на МАНУ, како и секој поединечно остварен приход врз основа на договор за дело. Идентично е и за оние што имаат приходи од авторски права и права од индустриска сопственост, приходи од имот и имотни права, приходи од капитал, како што се дивиденди, и приходи од капитални добивки.
Колку персоналец ќе платат, ќе зависи од тоа колку тежат нивните дополнителни заработувачки. Па така, ако приходите на месечно ниво биле до 30 илјади денари, стапката на данок ќе изнесува 15 отсто. За оние со месечни приливи до 60 илјади денари, даночната стапка е 18 отсто, а за оние што од вакви екстра-ангажмани месечно успеваат да спечалат над 60 илјади денари ќе плаќаат данок од 24 отсто. Всушност, стапката на персоналец е иста како и за платите на вработените, со таа разлика што за редовната плата данокот го плаќа работодавецот. Во овој случај тоа ќе мора да го направат самите граѓани кои остваруваат вакви дополнителни приливи.
Како што вели Магдалена Чижбановска, шеф на Кабинет на директорката на УЈП, Петра Митева даночни пријави не се должни да доставуваат единствено оние граѓани што остваруваат приходи само од плата или пензија, од земјоделска дејност според катастарските приходи, како и приходи од самостојна дејност.


Весна М. БОЖИНОВСКА