Синдикатот на Македонската радиотелевизија (МРТВ) вчера најави дека преку програмата на јавниот сервис ќе упати отворено писмо до Министерството за финансии за да ги исполни обврските за финансирање што ги има кон претпријатието. Според Лазе Коларовски претседател на Синдикатот на МРТВ, обврските на Министерството за финансии се во согласност со новиот Закон за радиодифузија. – Во законот точно стои дека од буџетот треба да се финансира работата на собранскиот канал и на други делови од Македонската радиотелевизија. Тоа досега не е сторено и затоа ние бараме Министерството за финансии да си ги исполни своите обврски. Владата на 9 мај годинава веќе донесе одлука за финансирање на работата на јавното претпријатие кога настанаа проблеми со собирањето на радиодифузната такса. Таа одлука требаше да ја реализира Министерството за финасии – вели синдикалецот Коларовски. Од Министерството за финансии ги демантираат обвинувањата на Синдикатот на МРТВ и велат дека тие си ги исполниле своите обврски кон јавниот сервис. Маја Богдановска, портпаролка во ресорот финансии тврди дека годинава на МРТВ му биле префрлени 28 милиони денари, во согласност со владините одлуки. – На 2 јуни им префрливме 22,5 милиони денари, а на 15 јуни уште 5,5 милиони денари. За што ги искористиле парите, ние не сме информирани, иако беа побарани за исплаќање на платите на вработените – вели Богдановска. Од Синдикатот на јавното претпријатие обвинуваат дека и Министерството за транспорт и врски не ги исполнило своите обврски. Лидија Станчевска, портпарол на Министерството вели дека нивните ингеренции завршиле во оној момент кога е донесен новиот Закон за радиодифузија. Тие учествувале во неговото подготвување, а Македонската радиотелевизија има обврска да го почитува. Според овој закон, МРТВ треба да биде програмски и финансиски независна куќа. Но, проблемите настанаа при наплатата на радиодифузната такса, кога таа престана да се прибира преку сметките за струја. Синдикатот вчера уште еднаш ја предупреди директорката Гордана Стошиќ дека ако до петок попладне не им ги исплати заостанатите плати, вработените ќе почнат генерален штрајк со повремени прекини на програмата или протести пред зградата.


Валентина МАРЈАНОВИЌ