Доверителите на поранешната НИП “Нова Македонија” ќе ги добијат своите пари најдоцна до крајот на месецот. Ова вчера за “Вечер” го изјави стечајниот управник на НИП-от, Ангелина Гогушевска. Таа уште еднаш потврди дека предметот поради кој е закочена исплатата, по подолго чекање конечно е стасан на одлучување од Основниот во Апелациониот суд.
“Одлуката по овој предмет, веројатно, ќе се знае кон средината на идната недела”, вели Гогушевска.
Се очекува Апелациониот суд да ја потврди одлуката на Основниот суд Скопје 1 со кој ќе се симне хипотеката што “Југ Сторитве” ја има ставено врз големата зграда на “Нова Македонија”. Овој објект летово на тендер го доби Јавното станбено претпријатие за 6,66 милиони евра, но уплата на парите чека на судската разврска. Од овие пари, доверителите ќе добијат по 25 отсто од своите побарувања, откако претходно ќе се подмират обврските кон државата, фондовите и јавните претпријатија во висина од 4,4 милиони евра. (С. Бл.)