Денес во Арбитражниот суд во Париз ќе се одржи првото рочиште во спорот меѓу “Хеленик петролеум” и нашата Влада околу купопродажниот договор за ОКТА. Тоа ќе биде почеток на спорот кој, ако не дојде во меѓувреме до договорно решение, може да трае многу долго и скапо да ги чини двете страни (според некои проценки меѓу еден и еден и пол милион евра). Проблемот пред Арбитражата во Париз беше префрлен од претходното раководство на “Хеленик” и целата постапка беше покрената пред почетокот на ланските парламентарни избори во Грција. Новото раководство, кое дојде по смената на власта кај нашиот јужен сосед, изрази желба да се дојде до договорно решение, меѓутоа постапката за Арбитража продолжи, веројатно како “заштита” ако не се најде заеднички јазик. Од кругови блиски до врвниот менаџмент на “Хеленик петролеум” се дознава дека тие очекуваат веднаш по завршувањето на постапката за префрлање на 20 отсто од акциите на нафтоводот Скопје – Солун на Македонската Влада, односно профункционирање на новата мешовита фирма којашто ќе управува со него, да се почнат преговори околу разрешување на сите проблеми врзани со концесискиот договор и Методологијата за формирање на цените. Истите извори проценуваат дека тие би завршиле за три месеци, односно до почеток на летото би се направил амандман на постоечкиот договор, по што, со заедничко соопштение двете страни би ги повлекле започнатите процедури пред Меѓународната арбитража. Меѓутоа, многу е можно преговорите да почнат и порано, бидејќи новиот министер за економија Фатмир Бесими смета дека двата проблема (нафтоводот и концесискиот договор) треба да се решаваат паралелно, па има намера, по средбата што деновиве ќе ја има со новиот амбасадор на Грција, да ги покани претставниците на “Хеленик” на средба. Компанијата која ќе управува со нафтоводот, како што веќе пишувавме, веќе е регистрирана во Атина и нејзино име е “ЕЛЕП СА (ВАРДАХ нафтоводна компанија), а филијалата и е во Скопје (во зградата на ОКТА). На почетокот на јануари грчката страна до Министерството за транспорт има доставено барање за издавање на потребните одобренија, како за нафтоводот, така и за оптичкиот кабел . Ако се запазат законските рокови до крајот на месецов би требало да се издаде одобрение за градба, а потоа и да се изврши технички прием на објектот. По ова на Владата ќе и префрли 20 отсто од акциите и ќе се формира борд на директори на новата фирма, во кој наш претставник веќе е одлучено ќе биде Борис Рикаловски.


Зденка ПАВКОВИЌ