За да се намалат цените на лековите и медицинските помагала, односно трошоците на работењето, а да се зголеми ефикасноста и продуктивноста во работењето на здравствените установи, Министерството за здравство предлага воведување на поедноставна процедура за реализација на паралелниот увоз на лекови и медицински помагала во земјава. Со тоа набавката ќе се реализира покрај од земјите од ЕУ и од Русија и Турција, а паралелниот увоз ќе биде според регулативата на ЕУ. Ова е дел од измените на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински помагала за кои вчера ресорното министерство и Бирото за лекови на Македонија организираа јавна расправа пред стручната јавност, познати лекари и фармацевти.

Како што објасни Никола Тодоров, министер за здравство, за да се реализира паралелниот увоз преку веледрогерија или соодветна здравствена установа треба да бидат исполнети повеќе услови. Законот бара да се има вработено лице дипломиран фармацевт, доказ за осигурување на лекот, како и тоа дека увозникот дека не е поврзан во комерцијална врска со носителот на одобрението. Исто така треба да се има и договор со веледрогеријата која го врши прометот на лекот на големо, да се плати и надоместок за паралелен увоз. За медицинските помагала треба да има и сертификат за сообразност за да се гарантира квалитетот на медицинското помагало.
-Добивката за граѓаните од паралелниот увоз е пред се добивка на системот, оти ќе се јави зголемена конкуренција која е здрава работа. Со внесување здрава конкуренција, но запазувајќи ги принципите за квалитет, ќе се намалат одредени цени, ќе се намалат трошоците и ќе се овозможи да се ослободат пари коишто ќе може да се реалоцираат во други продуктивни трошења, како што е воведување на нови лекови и нови методи на лекување – смета Тодоров. Тој укажа дека има фалсификувани лекови и на пазарите во Европа, но дека преку царинската контрола и инспекцијата на Бирото за лекови контролите се 24 часа.

Тодоров појасни дека кога паралелниот увоз ќе се реализира со земјите-членки од ЕУ, нема да има потреба да се бараат сертификати. Сертификат ќе треба за земјите кои не се членки како Русија, Јапонија, САД, Израел… освен за оние каде што лековите се регистрирани во централна постапка.

Јавната установа за да го набави лекот треба да распише тендер. Лекот треба да се обезбеди од одреден дистрибутер, редовен застапник или од компанијата која има одобрение за тоа. Лекот треба да е осигуран, да има упатство на македонски јазик, да има вработено дипломиран фармацевт кој ќе биде одговорен, но и достапен 24 часа.

Тодоров укажа дека за да се согледа бенефитот од паралелниот увоз, до 15 октомври годинава ЈЗУ треба да достават информација до министерството за двата најскапи лека и на двата најфреквентни, односно дали успеале да ги набават со паралелен увоз по пониска цена.
– Со тоа ќе заштедат средства и ќе воведат нови методи – дециден е министерот.
Дел од јавната дискусија беше и Милан Ристевски, директор на Клиниката за онкологија, кој информираше дека лани паралелниот увоз овозможил пад на цените на цитостатиците од 30 до 50 отсто. Што се однесува за медицинските помагала каде е вклучена и радиотераписката опрема, тој го извести министерот дека се среќаваат со монополска политика на производителите. Ристевски предложи кога тие ќе се регистрираат во земјава, да мора да дозволат барем уште еден сервисер за да не ги држат во заложништво.

Драган Коневски, претседател Асоцијација на увозници на иновативни лекови, укажа треба голема контрола за да не се јават лекови фалсификати на македонскиот пазар, бидејќи на тој начин граѓаните ќе бидат изложени на ризик по здравјето. Тој информираше дека Интерпол до јуни 2013 година во Европа има запленето 11 милиони лекови, од коишто 2 милиони се во Турција.

Коневски предложи пред да стартува паралелниот увоз да се прочисти позитивната листата на лекови од медикаменти кои се постари и веќе не се употребуваат според медицинските протоколи за лекување.

Министерот Тодоров одговори дека средствата се ограничени за ревидирање на позитивната листа на лекови.

Со Предлог-законот е предвидено лекарот во иднина да проверува дали пропишаниот лек може да има несакани ефекти при интеракција со лековите што ги прима пациентот. Законот смета дека пациентот треба да биде предупреден и од лекарот и од фармацевтот при земање на лекот во аптеката. Законот треба да овозможи да се отворат и аптеки во руралните средини со вработен фармацевтски техничар со средно или вишо образовани, но и со положен стручен испит. Но, аптеката неделно ќе биде контролирана од дипломиран фармацевт. Дел од новините се и подвижни аптеки.

(В.Ма.)