Македонскиот интернационалец и најдобар фудбалер Горан Пандев ги доживува најблескавите моменти во италијанската Серија А. Откако пред две кола ја затресе мрежата на Емполи, тој завчера повторно беше најзаслужен за победата на Лацио на средбата со Ливорно на Олимпискиот стадион во Рим. Пандев беше двоен стрелец и најзаслужен за пресвртот на “лацијалите”, по израмнувачкиот гол на гостите. Првиот гол го постигна со извонреден удар со глава во 55 минута, а во 72 минута најдобро се снајде во казнениот простот на Ливорно и ја завери победата на својот тим. Пандев сезонава има постигнато 10 гола во дресот на Лацио и моментно е втор стрелец на римскиот клуб, зад Роки, кој има само два гола повеќе од него.
Со ова напаѓачот на македонската репрезентација го оствари својот сон, бидејќи посакуваше да постигне барем 10 гола сезонава, но со оглед дека до крајот на првенството остануваат уште четири кола, Пандев ќе може да ја надмине оваа бројка. “Многу сум среќен. Победивме на многу важен натпревар, што ни овозможува пласман во евро-куповите. Одигравме одличен натпревар, а јас постигнав два мошне важни гола. Неизмерно сум среќен, бидејќи прв пат сум двоен стрелец на една првенствена средба, како и за победата на мојот тим”, изјави Пандев за “Газета дело Спорт”.
Пофалби за играта на Пандев стигнуваат од сите страни, а тоа го зголемува и интересот на повеќе клубови за него во летниот пероден рок. Еден од нив е и германскиот бундеслигаш Вердер од Бремен.
“Не знам ништо за ова. Тоа се гласини што доаѓаат од Германија. Мене овде во Италија ми е убаво и сакам прво да ги одиграм преостанатите четири средби од првенството, а потоа за мојата иднина ќе видиме по завршувањето на сезоната”, додава Пандев. (Б.Т.)