Сопственик на локал во Тетово на возраст од 38 години е приведен синоќа околу 21: 20 часот поради прекршените мерки за заштита од ширење на коронавирус, соопшти денеска СВР Тетово. Тој сега ќе се соочи со кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик, а поради сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

– Полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 38-годишниот тетовец Д.С, чиј угостителски објект на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, работел со гости по дозволеното време и не ги почитувал мерките за справување со коронавирусот. Објектот бил затворен,  додека Д.С. е задржан во Полициската станица Тетово за  целосното расчистување и документирање на случајот, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Поради истите причини за прекршените протоколи за работа во време на епидемија во тетовско беа приведени сопственици на локали во Мала Речица на 2 декември и во Пирок на 10 декември.