Европската комисија се надева дека другите земји-членки на Европската унија, по предлогот на Комисијата и дискусијата на минатонеделниот Самит на Европскиот совет, ќе се солидаризираат со Грција и Италија и ќе ги примаат големиот број на мигранти од овие земји, од кој најголемиот дел од грчката земја се прелеваат во Македонија.

Ова денеска го потврди портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, запрашан за напливот на мигранти од Хеленската Република кон Македонија, кои пак Србија со помош на Унгарија и Австрија ги спречува да ја напуштат македонската држава.

– Европската комисија достави предлог што беше дискутиран и поттикнат од последниот Европски совет, а кој ќе дозволи дел од овој притисок што Грција и Италија го доживуваат, некако да се осветли од солидарноста од остатокот на земјите-членки од Европската унија, посочи Гркот Схинас.

Главниот портпарол на Еврокомисијата за детали во однос на Македонија, како земја од процесот на проширување на ЕУ, префрли на неговата колешка Маја Коцијанчич. Таа пак исткна дека ЕК во моментов ја финализира регионалната програма за поддршка на миграциски менаџмент на земјите од Западен Балкан и Турција.

– Тоа треба да изнесува до осум милиони евра и програмата ќе биде имплементирана од септември. Истата ќе биде фокусирана на три специфични области: Идентификација на мигранти, интрарегионална поделба на информации и механизам што ќе понуди решенија за враќање, што се однесува на практичната заштита во однос на специфичните потреби на мигрантите. Во овој контекст, ние работиме со други што се поврзани со ова поле, посебно со Фронтекс (Агенција на ЕУ за контрола на границите) и меѓународни организации за мигранти, а исто така блиску соработуваиме и со УНХЦР, посочи портпаролката Коцијанчич.

Гласноговорничката на неформалната Влада на Европската унија посочи дека тоа е она што може да го каже за ова специфична програма, но дека исто така Брисел има и други алатки.

– Ние гледаме на можност да обезбедиме поддршка и преку ИПА-програмите (Инструмент за предпристапна помош) и национални програми што се фокусираат на засилување на капацитетите на засегнатите страни во овие посебни области, како областа на миграција, азил и визна политика, додаде Коцијанчич.

Како што е познато, Грција е прва ЕУ-земја што преку Средоземното море прифаќа илјадници бегалци од Блискито Исток и Африка и истите ги проследува преку границата кон Македонија. Но, со заедничка акција на српската, австриската и унгарската полиција, мигрантите потоа не можат да преминат во Србија од нашата земја, во нивната цел да дојдат до земјите од Западна Европа. Токму поради тоа, Македонија се соочува со масовен наплив на сопствената територија ан Сиријци, Авганистанци, Ирачани и други мигранти, при што македонската држава е оставена самата да се снајде со илјадниците дојденци на сопствената територија, дојдени од ЕУ-земја.