Кампањата ќе се реализира во текот на овој месец во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот заедно со учениците од трето одделение при основните училишта во Охрид. Предвидено е претставници на ОСБСП да ги посетат основните училишта и на третоодделенците да им поделат сообраќајно-едукативна брошура “Сообраќајна лектира”, во која илустративно се поместени неколку основни правила и прописи за безбедно учество во сообраќајот.

Едукативната кампања “Безбедноста е најважна лекција” започнува утре во 10 часот во ОУ “Григор Прличев# каде што на средбата со учениците од трето одделение ќе присуствува и униформиран полициски службеник од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од Охрид, кој ќе помогне во практичната реализација на кампањата и низ разговор со учениците ќе ги запознае со основните сообраќајни правила и прописи.

Целта на оваа сообраќајно-воспитна манифестација е едукација и издигнување на сообраќајно-техничката култура кај најмладите, запознавање со сообраќајните правила и прописи и нивно максимално почитување со цел подобрување на безбедноста на сообраќајот.