Во моментов има тројца кандидати кои се во игра за наследник на неагилниот Кристијан Шварц- Шилинг на местото висок претставник на меѓународната заедница за БиХ. Според дипломатските извори и сараевските медиуми најголеми шанси за тоа место има нашиот познаник Ален Лероа, некогашен специјален претставник на ЕУ за Македонија. Со него веќе биле направени разговори за оваа функција , а главниот адут му бил успешното учество во креирањето на Охридскиот договор. Меѓу другите референце му е и добро извршената мисија како шеф на ОПСЕ за тогашна СР Југославија. Сега е амабсадор на Франција во Мадагаскар.
Втор на ранг листата е познатиот словачки дипломат Мирослав Лајчек, кој лани беше главниот набљудувач на референдумот во Црна Гора. Токму оваа негова активност, која според Брисел ја завршил одлично, била и најважна препорака за новата функција.
Третиот сериозен кандидат, кој веќе требаше да го замени Шилинг, е Италијанецот Стефано Санино. Тој е близот соработник на Проди, па велат дека најверојатно нема да ја прифати Босна, бидејќи сега, по кризата на италијанската влада, Санино повеќе му е потребен на Проди.