Сосиете Женерал ќе и донесе на Охридска банка финансиска стабилност, интернационална мрежа, банкарска стручност и професионалност. Генералниот директор на Охридска банка, Бернард Коенинг, најави нови станбени кредити, по успешната понуда на кеш кредитите со каматна стапка од 9,38 проценти.

Според Ратко Чадиковски, член на Одборот на директори на Охридска банка, ваквата трансформација е чекор напред во преродбата на банкарскиот и економскиот развој на земјата.

– Тимот на Охридска банка е горд што стана дел од Сосиете Женерал групата и целосно е ангажиран во натамошно развивање и зголемување на пазарниот дел на банката и нејзината профитабилност – изјави Чадиковски.

На вчерашното акционерско собрание на Банката беше одобрен финансискиот извештај за 2006 година, усвоена е стратегија за развој во 2007 година и назначени се нови членови на одборот на директори на Охридска банка.

Сосиете Женерал услужува повеќе од 22,8 милиони клиенти што банката ја прави една од најголемите во евро-зоната. Инаку, Сосиете Женерал стана доминантен сопственик на Охридска со откуп на 51,47 отсто од капиталот преку јавното преземање во мај. Французите на Охридска и ветија локален бренд, база на локални клиенти и брз развој на дистрибутивната мрежа и сето тоа со цел да прерасне во водечка банка на македонскиот пазар.

(С.В)