x

ОФМ: Буштур мајсторе, почивај во мир!

И Одбојкарската федерација на Македонија изразува сочувство до семејството на кошаркарскиот великан Благоја Георгиевски Буштур… Во соопштението кое го споделија на социјалните мрежи се вели:

„Некои го познаваа како кошаркар, некои како тренер, некои како Олимпиец и спортски работник, но сите во него препознаваа човек. Од првиот поглед, од првото ракување, од првиот збор. Тој голем човек Благоја Георгиевски Буштур го напушти овој свет. Не замина засекогаш, затоа што тие како него никогаш не заминуваат, напротив, остануваат. Вечно. Кошаркарската легенда создаде дело коешто има трајна вредност. Нему ништо не му можат новата мода и времињата во коишто почитта тешко или пак воопшто не се заслужува. А Буштур неспорно ја заслужи со спортските резултати и со својот однос, едноставен, непосреден, искрен. Без исклучок пријателски и добронамерен. Секогаш со искрена намера да се искорени пизмата во неговиот, не само, кошаркарски свет, во којштоимаше разбирање за сите. Никогаш не ги заборави повозрасните, никогаш не им застана напатот на помладите. Беше инспирација, беше учител, беше потпора. Поседуваше вредност без суета. А тоа денес е реткост! Имаше храброст да зборува без да навредува! Имаше доблест да се радува не плашејќи се дека некој може да му ја загрози кошаркарската аура и позицијата во спортските кругови. Затоа зазеде недопирлива позиција во спортските срца! Затоа беше посакуван соговорник, секогаш и секаде, дури и кога имаше поинакви ставови. Беше Олимпион во вистинска смисла на зборот. Среброто од игрите во Монтреал и од Европското првенство во Источна Германија за македонскиот спорт имаат златна вредност. Исто како извиците во салата во „Градскиот парк“ – „Буштур мајсторе“! Неброени вљубеници на кошарката од неа заминуваа погорди и посреќни по неговите виртуозни потези. Насмевките на нивните лица Благоја Георгиевски ги црташе со прецизност на вонсериски уметник. На паркетот меѓу обрачите беше најголем, на улица, во маало, во своето друштво – скромен, небаре уште одамна ја имаше откриено тајната на животот.. Со сите свои пасии ќе им недостига на многумина. Најмногу на најблиските, но и на оние што со него почесто или поретко испишуваа животни приказни. Затоа Буштур не исчезна од лицето на зејмата, туку остана! Заборавот ќе го избришеме ние со сеќавањата за него. Буштур мајсторе, почивај во мир!“

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата