Основниот суд Скопје 1 покрена постапка за преиспитување на претходно донесената одлука, која беше потврдена и од Врховниот суд, со која државата беше прогласена за виновна поради задржување на цистерни со гориво на дистрибутерот “Макпетрол”, и за претрпените штети требаше да му исплати отштета во висина од 4,5 милиони евра. Барањето за обновување на постапката беше покренато од страна на Јавното правобранителство, а минатата недела на закажаното рочиште беа сослушани аргументите на двете страни, по што се остави простор Судот да реши што ќе прави. Како што се дознава, вчера Судот донел решение дека постои простор за повторување на целата постапка, земајќи ги предвид укажувањата на правобранителството дека претходно кога била донесена одлуката не биле земени предвид одредени факти. Имено, по барање на Владата, Министерството за економија има изработено анализа за периодот во кој се случи блокадата на цистерните на нашиот најголем дистрибутер, при што било констатирано дека во моментот на увозот, компанијата немала извршен технички прием на складовите, што е услов за остварување на увозот, согласно со одредбите од привремената спогодба за трговција со ЕУ, која во тој период стапи во сила. Барањето за технички прием, како што утврдија во Министерството, било поднесено откако претходно почнал да тече увозот. Државата уште кога беше донесена одлуката дека за тридневна блокада на цистерните на “Макпетрол” треба да се исплати отштета во висина од 4,5 милиони изрази сомнеж во постапката, а уште повеќе во пресметаниот износ како отштета. Неофицијално се дознава дека според направените пресметки на надлежните министерства таа не требала да изнесува повеќе од 700.000 евра. Министерството за финансии износот од 4,5 милиони евра, кој требаше според првичната одлука да ги исплати на “Макпетрол” ги има издвоено во Буџетот, но тие сега веројатно ќе ја чекаат новата судска одлука. Во “Макпетрол” вчера немаа никаков коментар, бидејќи од Судот немаа добиено никаква одлука.


Зденка ПАВКОВИЌ