Преговарачкиот тим на Србија на вчерашниот ден од виенските преговори го отфрли принципот на сукцесија како начин за решавање на економските прашања. Членот на тимот Дејан Поповиќ изјави дека во случајот на Косово не се работи за сукцесија како што предлага Ахтисари:
“Таа тема е решена уште со Бадинтеровата арбитража како прашањето на односите меѓу републиките на бивша СФРЈ. Косово немаше статус на република. Имаше статус на покраина внатре во Република Србија, па затоа и не може во овој случај да се применува правилот на сукцесија” – нагласи Поповиќ. Тој потенцира дека и вчера имало значајни разлики меѓу Белград и Приштина по сите разгледани точки. Дека немало компромис и за економските прашања, потврди и преговарачот од Косово, Скендер Хисени.