x

Откако Јанша „удри“ по првиот човек на УЕФА: Заховиќ застана во одбрана на Чеферин!

Дека Словенија сепак е балканска земја говори спортско – политичкиот скандал, и тоа во време на коронавирусот,  во кој се „вмешани“ двајцата највлијателни Словенци, премиерот Јанез Јанша и претседателот на УЕФА Александер Чеферин.

Чеферин од Гросупље, каде што има приватен имот, и каде што се наоѓа во карантин, даде мега – интервју во кое говореше за УЕФА, за фудбалот, и за многу други работи. Исто така упати и мала доза на критика кон Владата на Р. Словенија за тоа како се справува со актуелната криза. Не заборави да каже дека ги искористил сите можни “врски“ за да и помогне на својата земја. Кажа дека го нервираат  тие смртно сериозни лица на одредени личности кога говорат за Ковид-19, и дека треба малку повеќе да бидат оптимистички расположени.

Се знаеше дека мислеше на контроверзниот Јанез Јанша, кого половина Словенија (десницата) го обожува, а другата половина (левицата) не може да го смисли и го смета за најголем криминалец во Европа. И не се чекаше долго на жесток одговор од премиерот.

Јанша го обвини Чеферин дека токму тој е виновен, и УЕФА се разбира, за ширењето на коронавирусот, откако дозволиле да се игра натпреварот меѓу Аталанта и Валенсија. Не заборави да спомене дека Чеферин го интересираат само пари и ништо друго.
Сосема доволно да зоврие политичката сцена во Словенија. Па почнаа познати личности да коментираат за тоа кој е во право, Јанез, кој интересно е роден во Гросупље каде што сега се наоѓа Чеферин, или Александер.

Златко Заховиќ, иконата на словенечкиот фудбал, човекот кој како директор го однесе „малиот“ Марибор во групата фаза во ЛШ, застана во одбрана на Чеферин.

„Во целост се сложувам со Чеферин, со се што кажа во тоа интервју. На луѓето им треба топол збор, оптимизам, насмевка во овие тешки моменти. Чеферин е вистински човек на вистинско место. Тој направи големи работи, тој е човек од збор“ истакна Заховиќ.

Инаку во Словенија се прогнозира дека, кога – тогаш Чеферин, како човек од левицата на некои идни избори, без проблем би го победил Јанез Јанша. 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата