На улицата “Водњанска”, вчера општина Центар, го отвори петтиот во низата клубови на пензионери. Станува збор за новиот пензионерски клуб кој се наоѓа во реновираните простории на урбаната заедница “Кочо Рацин” со површина од 46 метри квадратни. Клубот ќе работи од понеделник до петок од 10 до 14 часот, а целата акција на отворање на неколку катчиња за пензионерите е затоа што тие во својот работен век зад себе имаат создадено многу дела што биле во полза на општината, како и на целокупното општество. Клубот го отворија градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ и претседателите на Сојузите на пензионери на Град Скопје и општина Центар, Крсте Ангеловски и Павле Спасов.

Во овој клуб на пензионери како и во претходно опремените извршена е реконструкција на просториите, комплетно е опремен и содржи: просторија со маси и столови со реквизити за социјални игри, табла, шаховски и домино комплети, како и кујна и тоалет.
– Општина Центар постојано ги следи потребите на граѓаните и воедно притоа се труди секогаш да им излезе во пресрет. Пензионерите од Центар во никој случај не треба да бидат заборавени и ние се трудиме да им обезбедиме содржини кои ќе им бидат интересни, места кои ќе претставуваат забавно катче каде што пензионерите ќе се среќаваат, ќе се дружат и квалитетно ќе го поминуваат слободното време. Со отворање на пензионерски клубови ја покажуваме потребната грижа и помош за оваа категорија на граѓани, изјави градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ.

Тој додаде дека тука нема да запре нивниот ангажман како во однос на грижата за пензионерите од Општина Центар, а во таа насока тие имаат развиено долгорочна стратегија чија крајна цел е овозможување што поудобен живот на луѓето коишто ја оставиле општината во наследство.