Продуцентската куќа М2 најостро протестира поради дрското кршење на пропозициите во емисијата “Не заспивај сега”, која дирекно се пренесуваше во 21 ч. на Првата програма на МТВ, во неделата (19 декември) и на која со концерт во живо требаа да се претстават потенцијалните претставници на Македонија за “Евросонг 2005” Александра Пилева и Мартин Вучиќ. Имено, иако беше нагласено дека Александра и Мартин требаше да испеат по шест мелодии, според сопствените желби и амбиции, Мартин Вучиќ своето шоу го продолжи за уште една нумера, па така тој испеа седум песни, што претставува грубо кршење на прифатените правила. Со тоа ексклузивецот на М2 продукција Александра Пилева беше обесправена. Под параван на патриотизмот, Мартин Вучиќ самоиницијативно си подари себеси дополнително време за уште една народна песна, наводно за да ги поздрави иселениците, како да не можеше тоа да го направи со една од предвидените шест регуларни мелодии во својот настап. Бидејќи никој од одговорните во МРТВ не реагираше на таа негова безобѕирна одлука, и не го прекина неговиот настап, целата работа не принудува на помисла дека се е добро испланирано и однапред осмислено. А, во таква фарса М2 нема намера да учествува! Затоа ги молиме одговорните во Македонската радио-телевизија отворено да се изјаснат дали е веќе одлучено, како што се зборува во јавноста, дека Мартин патува на Евровизија, по што нашиот ексклузивец Александра Пилева би се повлекла од понатамошните подготовки?! Или, уште еднаш, дополнително, да му ги објаснат на Мартин Вучиќ правилата на играта, за ако, евентуално, отпатува во Киев, под наплив на емоциите да не се заборави и на евровизиската сцена, сакајќи на дијаспората да и отпее уште нешто од стариот крај. За жал, како увертира на овој немил настан беше и негостопримливоста на организаторот, па иако ни беше дозволено да поканиме 30 гости (на 30 гости имаше право и Мартин, а исто толку и МРТВ), кога пристигнавме во Студиото 3 на МТВ, веќе беше преполно, и за нашите луѓе немаше слободни места, па беа принудени да си одат или да стојат во задниот дел на студиото. Сите овие работи, едноставно, повеќе не смеат да се повторат, а уште помалку да се толерираат, особено ако организаторот – Македонската радио-телевизија, сака, како што се промовира, да биде непристрасен субјект во приказната, кој има намера чесно и транспарентно, без црни дамки во изборот – да помогне да се избере најдобриот кој ќе ја претставува Македонија оваа година на Евровизија!


М2 Продукција