Од денеска во функција се пуштени три телефонски линии на кои стручни лица – психолози вработени во министерството ќе им бидат на располагање за разговор и психолошка поддршка на полициските службеници и нивните семејства во полесно надминување во периодот додека трае состојбата со коронавирусот.

Телефонските броеви на кои ќе може да се јавуваат полициските службеници се следниве: 072/911-704, 072/911-705 и 072/911-706 и истите ќе бидат отворени од 09 до 21 часот во текот на денот, а по потреба и по завршување на овие часови, информираат од МВР.

Отворањето на овие телефонски линии се во насока на заштита на менталното здравје на вработените во министерството, односно на полициските службеници кои секогаш се во првите редови во справување со коронавирусот, лицата кои се во изолација и нивните семејства.

„Советите и поддршката што ќе ги добијат од психолозите преку телефонската линија имаат за цел полесно справување со стравот, анксиозноста, паниката, чувството на беспомошност, тага, опсесивност и негативни мисли кои се јавуваат во вакви кризни ситуации. Министерството за внатрешни работи во овие тешки времиња за сите нас упатува порака до полициските службеници дека не се оставени сами на себе и дека раководството ги презема сите потребни мерки за адекватна помош и заштита во моментите кои сите заедно сплотени полесно ќе ги надминеме“, велат од МВР.

извор: Makfax