Во експлозија на автомобил-бомба што ја потресе авганистанската престолнина рано утрово, загинаа најмалку осум лица. Меѓу жртвите има жени и деца, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Портпаролот на министерството, Тарик Аријан изјави дека повеќе од 15 лица се повредени во нападот, вклучувајќи го и пратеникот Кан Мохамед Вардак. Тој додаде дека ова е прва информација за жртвите и дека нивниот број може да биде поголем.Нападот се случил додека возилото со пратениците минувало преку крстосницата, а од експлозијата се запалиле цивилни возила и се оштетени околни згради и продавници.Никој не презеде одговорност за нападот.

Групата Исламска држава (ИД) презеде одговорност за голем број напади врз Кабул во последните месеци, вклучително и врз образовни институции во кои беа убиени 50 лица, претежно студенти.Исламската држава ја презеде одговорноста и за вчерашниот ракетен напад врз главната американска база во Авганистан, во кој, според изјавата на локалните претставници на НАТО, нема жртви.

Насилството во Авганистан не стивнува, иако во тек се разговори меѓу талибанците и владините претставници за воспоставување мировен договор со кој ќе се стави крај на војната повеќе од четири децении. Преговорите во Катар се одвиваат многу бавно и покрај повеќекратните повици за намалување на насилството, тоа продолжува.

извор: Makfax