Државата нема стратегија за развој на земјоделските култури, кои се пред исчезнување бидејќи земјоделците од година в година се помалку ги садат нивите и живеат од социјална помош на товар на државата. Тракторите наместо на нива најчесто се паркирани пред комбинатите, жетвата е заменета со масовни протести, кои во изминативе недели се во полн ек поради неисплатената пченица, грозје, стимулации за тутунот, неорганизираниот пласман на раноградинарските култури, скапата нафта… Струмичкиот земјоделец Ванчо Митев вели дека од земјоделството само откупувачите профитираат бидејќи го земат родот за џабе. “Покрај откупот и неисплатената реколта, проблем е и скапата нафта. Немаме пари за семенски материјал, ниту за ѓубриво поради што нивите останаа неизорани”, се жалат струмичките земјоделци. Драматично е и во Тиквешијата. Неготинскиот лозар Миодраг Панов вели дека целиот живот го посветил на лозарството, а сега неговото семејство трпело за леб. “Немам пари за леб, а камоли да купам нафта за тракторот. За една недела лозјето треба да го орам, а винарската визба “Поврдарие” се уште не ми го платила грозјето од ланската реколта. За осум килограми грозје можем да купам само еден литар нафта. Дали ова е рентабилно?” прашува Панов. Земјоделците од Тиквешијата ја обвинуваат Владата дека со својата лоша земјоделска политика наместо да ги стимулира да работат, ги направила социјални случаи. Тие се жалат дека 40 дена протестираат по улиците за да ги добијат парите што ги заработиле. Во Неготино повеќето земјоделци се членови на СДСМ и се плашеле да учествуваат во протестите пред “Повардарие” за да не се случи некој член од семејството да биде избркан од работа. ” Со месеци шетаме со празни џебови. Имам внуци на кои не можам да им дадам ниту по 10 денари за смоки. Решив да побарам пари на заем за да купам средство за да го испрскам грозјето, н не ми дадоа ни пријателите, зошто знаеле дека немам од каде да им ги вратам парите. Ете до каде не доведе оваа состојба. Од земјоделие не се живее. Ќе почнам на стари години да барам друга работа”, со солзи во очите ни се пожали еден лозар од Неготино. Незадоволни се и пелагониските земјоделци. Тие дури се заканија дека ќе се иселат од родниот крај и ќе бараат азил за Грција бидејќи цела година не можат да си ги добијат парите за предадената пченица од ланската реколта. “Ќе барам работа во Грција бидејќи таму ќе земам месечно по 2.000 евра плата. Тука во Битола цела година не можам да си ги земам парите од “Жито Битола” за предадената пченица. Земјоделието во битолскиот регион е во катастрофална состојба, а со последното поскапување на нафтата ќе доживее целосен колапс”, прогнозира земјоделецот Благоја Колевски. Дел од битолските земјоделците се плашат да зборуваат за своите маки за да не им се влоши уште повеќе и онака тешката состојба во која се наоѓаат. “На оваа Влада повеќе ништо не и верувам. Треба да дојдат нови луѓе што ќе ни помогнат. Мојот 11-годишен син ора со трактор, бидејќи не можеме да постигнеме. Годинава посеав 40 хектари жито, но не сум задоволен што земјата е посна бидејќи немав доволно пари за ѓубриво”, вели Борче Ристевски од селото Долно Оризари. Исти маки мачат и земјоделците Гоне Марковски и Борис Наумовски од Долно Оризари. Наумовски вели дека ќе бара од “Жито Битола” да му плати и камата зошто навреме не ги добиле парите за предадената пченица.


Валентина МАРЈАНОВИЌ