За околу една недела се планира, конечно, да се потпише писмото за намери со холандската ИНГ, за купување на доминантниот пакет-акции од 66,66 отсто во “Поштенска банка”. Претставниците на ИНГ минатата недела дојдоа, видоа и си отидоа од земјава, оставајќи го зад себе писмото за намери во кое ја изразуваат сериозната заинтересираност да станат газди на “Поштенска”, како и условите под кои би ја купиле оваа наша банка. Тие извршија повторно комплетно снимање на состојбите во Поштенска, и како што велат доброупатените, се враќаат во Македонија за десетина дена. За тој период ќе треба да се преесапат, но и да и остават простор на Владата да размисли за алтернативите за продажбата на Банката.
Дознаваме дека писмото за намери, кое Холанѓаните веднаш по пристигнувањето во Македонија го доставиле до Владата и Македонска пошта, која во Поштенска поседува 33 отсто од акциите, тимот на Бучковски ќе го разгледа неделава на првата наредна седница.
Условите сега-засега се држат во строга тајност, а ако, пак, се потпише писмото за намери тогаш велат доброуптените, со Холанѓаните ќе остане да се договори само цената по која би ја купиле Поштенска. Од нашиот преговарачки тим, од Банката како и од Еуростандард банка, која е сопственик на акциите кои се предмет на продажба на Холанѓаните, како и од Народната банка се оптимисти дека целата работа ќе финишира позитивно и дека македонскиот банкарски систем ќе добие уште едно реномирано светско име како што е ИНГ. (В.М.Б. )