“За новиот закон за работни односи кој ќе биде работнички устав, од падините на Водно сложно се договорија Министерот за труд и социјална политика и Сојузот на стопанските комори дека работниците во Македонија имале преголеми права и дека треба да се направат по мерак на работодавачите, кои желни за профит и богатење и крвта би му ја исцицале на работникот ако можат. Сојузот на синдикатите на Македонија нема да дозволи да се донесат кафеански закони од луѓе со полн стомак, а тој да се однесува на гладните”, вака реагираше ССМ на контроверзните предлози на работавците од двете комори кои завчера во Св. Пантелејмон имаа работен ручек со првиот човек на Министерството за труд, Стевчо Јакимовски и беа единствени во ставовите во врска со драстичното кратење на работничките права. За портпаролот на ССМ, Пеце Груевски со изјавата на Јакимовски дека работниците не треба да бидат заштитени како мечките во планина, свесно или несвесно се ставил на страната на работодавачите и ги навредил сите вработени во државава. Затоа, Груевски го повика Јакимовски веднаш да поднесе неотповиклива оставка, бидејќи во спротивно можно е да бидат предизвикани спонтани протести токму од најзасегнатите – работниците. ССМ вчера побарал од Премиерот да го разреши Јакимовски, но првиот синдикалец, Ванчо Муратовски не успеал да се слушне со него. ССМ најавува дека со сите синдикални средства ќе се избори за работничките права и тоа ќе го докаже до силата на аргументите. -”Веќе в понеделник пред јавноста ќе објавиме какви се права имаат работниците во Европа и соседството за да ги видат и нашите работодавачи кои не ги виделе овие закони или не сакаат да ги видат”, вели Груевски, според кого барањата за рестриктивни работнички права се само обид на партнерите во преговорите за новиот закон за работни односи да добијат поповолна позиција уште на стартот. ССМ најавува своите предлози по новото законско решение ќе ги обелодени откако ќе ја добие од Владата првичната верзија на текстот на законот.


Светлана БЛАЖЕВСКА