Претседателот, Стево Пендаровски, вечерва ја врачи Големата годишна награда за архитектура во 2019 година за основното училиште „Киро Глигоров“ на Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи. Големата годишна награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на манифестацијата.

Пендаровски во своето обраќање истакна дека секое архитектонско дело, меѓу другото, е резултат на низа компромиси, независно дали се буџетски, просторни, временски.

„Но, убеден сум дека најголемиот компромис што мора да научиме да го правиме, е компромисот во полза на здравата животна средина и хуманиот простор. Ако сакаме градбите од нашата генерација да го издржат тестот на времето, тие мора во себе да ја вградат солидарноста кон луѓето и одржливоста кон природата“, рече претседателот Пендаровски.

Тој во обраќањето потсети на скорешното крајно негативно искуство кога политичарите беа архитекти, а архитектите само извршители на нивните замисли и упати порака до архитектите.

„Сакам да апелирам до сите вас, и сега и во иднина, никогаш да не правите компромиси со вашиот личен и професионален интегритет и наместо правилата и етиката на вашата професија да го следите диктатот на политиката“, порача претседателот Пендаровски.

извор: Makfax