Универзална намирница што содржи белковини, многу малку масти, а изобилува со минерали и витамини. Нејзината хранлива вредност главно зависи од видот, како и од староста на рибата. Поголема хранлива вредност имаат рибите со повеќе белковини, а помалку масти и обратно. Калоричната вредност на рибиното месо зависи, во прв ред, од процентот на масти во месото, што кај различни видови е различен. Месото на осличот има 0,5% масти, а на јагулата дури околу 21%. Во споредба со другите видови месо, рибата припаѓа во “полесните” и по калоричната вредност приближно е еднакво со говедското. Рибата е богата со белковини, а зависно од видот процентот може да се движи од 15 кај пастрмката до 25 проценти кај туната. Сушената риба е далеку побогата со белковини, а бакаларот со 80% спаѓа во малата група намирници со толку висок процент на белковини. Белковините од рибино потекло имаат одлични биолошки вредности што придонесува за создавање нови и регенерација на истрошените ќелии во човековиот организам. Поволниот однос на масти и белковини ја прави рибата незаменлива во сите диети, особено ако се знае дека натриумови соли содржи само во траги. Посебна вредност и даваат и минералите како: фосфорот, калциумот, јодот (особено кај морските), флуорот и магнезиумот чие количество, како и присуството на таканаречените есенцијални аминокиселини се неопходни за нормален раст и развој, интелектуална работа и низа други витални функции во организмот. Месото од риба, исто така, е мошне богато со витамините А, Д и Е, како и Б комплекс. Витамински состав важен за регулација на метаболизмот. Витамин Ц речиси и да нема, но затоа рибата најчесто се служи со лимон, кој освен што го подобрува вкусот е богат и со Ц витамин. И за крај, само како потсетување луѓето кои консумираат често риба многу помалку заболуваат од артериосклероза и други болести на срцето и крвните садови. Далеку подобри резултати имаат и на тестовите за интелигенција.


Проверка на квалитетот на рибата
Рибата е свежа кога:
1. очите и се сјајни, полни и проѕирни;
2. шкргите се со свежа црвена боја;
3. кожата е сјајна, а бојата природна;
4. месото е цврсто и еластично на притисок, односно по притискањето се враќа во првобитната положба;
5. мирисот на рибата не смее да биде непријатен, туку карактеристичен за свежа риба; При набавката на риба треба да имате на ум дека можеби е најдобро да ја купите “рибата на сезоната”, односно оној вид кој се лови во тој период од годината. Месото е највкусно пред и меѓу мрестењето. Постарите риби се тврди и помасни. Во принцип грабливците имаат повкусно месо од останатите.
Чување на рибата до подготовката
Најдобро е да набавите жива риба, така не мора да се грижите дали е свежа или не. До подготовката може да се чува жива, но ако тоа е невозможно треба да се исчисти, натопи во вински оцет, па потоа да се завитка во чиста салфета или крпа. Место крпа, можат да помогнат и листови зелена салата. Ставете во порцелански сад, па во фрижидер. Ако треба да стои 3 до 4 дена, а не сакате да ја замрзнете треба уште додека е жива во устата да и се стави половина земичка натопена во бело вино, па благо исцедена.
Корисни совети за чорби од риба и јанија
Јанијата и чорбите од риба не треба да ги мешате за време на готвењето затоа што така може да се распадне ткивото и да се одвои од коските, кои во јадењето можат да бидат и непријатни. Доволно е садот во кој се подготвуваат само да се протресе. И уште нешто. Пред готвењето добро е да се накапе со лимон или оцет, така ќе издржи поголема температура и нема да се распадне.
РЕЦЕПТИ
Пастрмка со суви сливи

Потребно:
4 пастрмки (по 250 г)
200 г суви сливи
1,5 дл масло
2 дл бело вино
2 главици кромид
3 тврдо варени јајца
сок од еден лимон
магдонос
сол
пипер
Подготовка: Пастрмките исчистете, насолете и оставете ги малку да отстојат. Потоа исцедете ги, исушете, расечете по страните и шпикувајте со на резенки исечените суви сливи. Во сад за динстање сипете масло, додајте ситно сечкан кромид, магдонос, подготвените пастрмки, па се прелијте со бело вино и сок од лимон. Динстајте околу половина час. Вака подготвените пастрмки прелијте ги со некој благ сос, па преку се изрендајте тврдо варено јајце.
Пастрмка со бадеми
Потребно:
4 пастрмки (по 250 г)
120 г бадеми
0,5 дл масло
пакетче путер
китка ситно сечкан магдонос
1 лимон
брашно
сол
пипер
Подготовка: Исчистените и насолени пастрмки запиперете ги, валкајте ги во брашно и испржете ги на масло. Бадемите исчистете ги од лушпите и пропржете ги на путер додека не добијат бакарна боја. Бадемите истресете ги врз пржените пастрмки. На преостанатиот путер (од пржењето бадеми) исцедете лимон, додајте ситно сечкан магдонос, кратко пропржете и прелијте преку пастрмките. Сервирајте со варениот компир, а украсете со зелена салата.