Рен Женгфеј, основач на кинеската компанија Хуавеи, за првпат проговори за апсењето на неговата ќерка Менг Ванжу, инаку главен финансиски директор на технолошкиот гигант.

Рен Женгфеј, во своето прво интервју од апсењето на неговата ќерка, тој ги обвини Американците поради вршењето на притисок врз други земји да се вклучат во кампањата против компанијата Хуавеи.

„Нема шанси Америка да нѐ скрши. Светот не може да нѐ напушти затоа што сме многу понапредни. Дури и да убедат повеќе земји за да не ги користат нашите производи, ние секогаш ќе можеме да ги смириме работите“, изјави Женгфеј за „БиБиСи“.

„Ако светлата се изгасат на Западот, Истокот и натаму ќе сјае. Ако Северот пропадне во темнина, тука се ушт е југот. Америка не го претставува светот, Америка е само дел од светот“, порача првиот човек на Хуавеи.

Женгфеј потврди дека неговата компанија нема да ги повлече инвестициите од европските земји, дури и ако постои потенцијална опасност за нивните производи да бидат забранети, како на пример во Велика Британија каде што владина ревизија на Хуавеи е планирана за март или април оваа година.

„Уште повеќе ќе инвестираме во Велика Британија, затоа што ако САД не ни веруваат, тогаш нашата инвестиција од САД ќе ја префрлиме во Велика Британија и тоа на уште поголемо ниво“, порача Женгфеј кој силно го критикуваше апсењето на неговата ќерка на 1-ви декември во Ванкувер и 23-те обвинувања против неа, вклучувајќи и наводен обид за кражба и продажба на тајни.

„Најпрвин, се противам на тоа што го направи САД. Овој вид на политички мотивиран чин е неприфатлив. САД сакаат да ги санкционираат другите, кога и да постои проблем, тие ќе користат такви борбени методи. Ние се противиме на тоа, но ќе ги оставиме судовите да го средат тоа“, изјави Рен Женфеј кој уште еднаш негираше дека постои било каква врска меѓу кинеската компанија и владата од Пекинг, нагласувајќи дека шпионирањето е ризик кој тој не би го прифатил.

Европската унија моментално разгледува предлози кои би претставувале де факто забрана на Хуавеи за користење на 5G мрежата. Неколку земји, вклучувајќи ги САД, Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Тајван веќе им забранија на Хуавеи да учествуваат во нивниот развој на 5G мрежата.