Вчера во хотелот “Македонија” во Тетово се одржа основачко собрание, на т.н., “Економски круг на Северозападна Македонија” со 280 претставници на фирми и бизнисмени од Тетово, Скопје, Гостивар, Дебар и други места. Привремениот претседател, Џемали Даути, ни изјави дека за наредните шесет месеци ќе се вршат подготовките за основање на Стопанска комора со седиште во Тетово. Целта, според него е “авансирање на бизнисот од овие регионии, воспоставување соработка во државата, во регионот и пошироко на меѓународен план со Косово, Грција, Албанија и други земји. Сопственикот на “Дауити-комерц”, Џемали вели дека не се работи за паралелна Стопанска комора, туку концептот се базира врз моделот на германската, италијанската и македонската Стопанска комора. Иницијативата ја поздрави и министерот за економија, Фатмир Бесими кој на новинарите им изјави дека не треба да се прави паралела, се работи за иницијатива на група бизнисмени за поорганизиран настап во и надвор од земјата, тоа е еден потесен круг на бизнис, а тие се и членови на Стопанската комора. Според Бесими, не се работи за економска регионализација, бидејќи вековно економско правило е ширење на бизнисот и економијата, а не стеснување. Такви иницијативи може да се појават и во централна и во други делови на Македонија, рече Бесими.


Ирина СТОЈКОСКА