Осмоодделенец со нож избол тринаесетгодишен соученик во основното училиште Емин Дураку” во скопското село Чајле, Општина Сарај, и веднаш по настанот избегал од местото.
Според полицијата инцидентот се случил вчераутро околу 10,30 часот кога 15-годишно момче од село Семениште проболо 13-годишен соученик и соселанец во основно училиште во селото. Повреденото момче веднаш било пренесено во Ургентниот центар во Скопје со две убодни рани- во стомакот и над левиот колк. Поради сериозноста на повредите тој бил задржан за натамошно лекување. Веднаш била алармирана полицијата, која извршила увид на местото на настанот и трага по напаѓачот.

По овој инцидент, истиот ден во попладневните часови, во истата општина Сарај, во селото Копаница се случил уште еден инцидент во основното училиште Дрита.
Служителот во основното училиште Дрита, пријавил дека наставник од друго училиште дошол во училишниот двор и пукал во него. Не успеал да го погоди па побегнал.
Полицијата направила увид и пронашла две чаури. Служителот во полиција дал изјава за нападот меѓутоа во интерес на истрагата полицијата вчера не соопшти повеќе детали околу случајот.
Во изминатиот период се случија неколку инциденти во средните училишта во Скопје. Последен беше оној во ГУЦ Здравко Цветковски во кој еден средношколец загина а еден беше повреден.