Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска оствари видео средба со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде.

Од Кабинетот на Османи соопштија дека главен фокус на разговорот бил ставен на потребата од јасен и недвосмислен одговор на европските аспирации и перспективите на Република Северна Македонија, особено по одлуката за почеток на преговорите на мартовскиот европски совет.

„Продолжуваме да работиме активно на европската агенда, на негувањето на добрососедските односи, на економскиот развој на државата – посветени сме на крајната цел: полноправно членство во ЕУ“, нагласил Османи, информирајќи ја министерката за досегашните постигнувања и резултати во клучните реформски области, за добрососедските односи и состојбите во регионот.

Османи искажал благодарност до Шведска, која со континуираната поддршка потврдува дека е конзистентен промотор на процесите на суштинска демократизација во нашата држава и на регионот во целина.

„Особено сме благодарни за интензивната соработка со Шведската агенција за меѓународен развој и соработка-SIDA, преку многубројните реализирани и предвидени проекти кои допринесуваат кон прифаќањето на заедничките европски вредности за демократска стабилност, за владеење на правото и за економски просперитет во земјата“, потенцирал Османи.

Министерката Линде ја поздравила, како што се наведува во соопштението, силната и одлучна посветеност на Владата на Северна Македонија за спроведување на реформската агенда, неопходна за забрзување на европската интеграција на земјата.

извор: Makfax