Министерот за надворешни работи, Бујар Османи се сретна со Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина.

Во оваа прилика министерот Османи, посочи дека Република Северна Македонија високо ја цени улогата што од страна на ЕУ му е доделена на амбасадорот Лајчак како посредник во разговорите помеѓу Србија и Косово, како и на други прашања во регионот.

„ Како непосредни соседи на Косово и Србија, имаме особен интерес од успехот на дијалогот Приштина – Белград посредуван од ЕУ. Приближување на ставовите на двете страни и нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе претставува огромен влог во стабилизацијата и европеизацијата на целиот регион“, посочи Османи

Тие разговараа и за европската перспектива на Северна Македонија, за добрососедските односи, регионалните иницијативи како и за очекувањата во периодот што претстои.

„ Имав исклучително успешна посета на Брисел, на средби со Високиот претставник на ЕУ, Борел, како и Еврокомесарот за проширување Вархеји. Во очекување сме на Годишниот извештај од страна на Комисијата, како и на економскиот план за Западниот Балкан, кој го најави Еврокомесарот Вархеји. Дома сме посветени на реформите, со акцент на владеењето на правото, како и на финализација на сите политички и административно-технички подготовки за стартот на преговорите до крајот на годината“, истакна Османи, упатувајќи уверување до посебниот претставник Лајчак дека земјата ќе биде навремено подготвена за одржување на првата Меѓувладина конференција и стартот на преговорите со ЕУ.

Соговорниците се согласија дека одржувањето на Првата меѓувладина конференција МК-ЕУ до крајот на годината е важна не само Северна Македонија, туку и заради пораката којашто ќе се испрати до целиот регион. Тоа ќе претставува потврда дека политиката на проширување на ЕУ продолжува, но и дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните.

извор: Makfax