Јас сум оптимист дека ќе се најде компромис за Законот за Јавно обвинителство и ќе се донесе со консензус помеѓу сите политички партии. Мислам дека разликите меѓу главните политички партии од македонскиот блок не се ненадминливи, вели вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

На прашањето дека неодамна изјави дека случајот Рекет го става на тест институционалниот капацитет на земјава. Го става ли случајот на тест и датумот за преговори со ЕУ во октомври, тој вели дека ова беше тест пред големата одлука.

„Мислам дека е баш лакмус-тест пред големата октомвриска одлука на Советот на ЕУ, за да се испита, на некој начин, дали институциите созреаја со реформите што ги правевме во целиот овој период. Така што, мојот став е дека оваа кризна ситуација може да ја претвориме во можност, доколку институциите одговорат сериозно и на ефикасен, транспарентен и непристрасен начин го расветлат целиот случај до крај, независно какви политички импликации може да има. Значи, ќе го повторам ставот дека криминалци и криминал има секаде. Разликата меѓу државите е во тоа дали имате институции коишто знаат да се справат на непристрасен случај“ вели Османи.

На прашање зошто сметате дека Хисен Џемаили, кој беше обвинет во случајот Мавровски работници од 2001 година, е добар избор за министер, Османи вели дека Џемаили не бил дел од тие настани.

Прво, господинот Џемаили не е осуден за настаните коишто вие ги споменувате. Тоа беше главно дел од поранешната пропаганда против ОНА и нашите информации се дека воопшто не бил вмешан во настаните за коишто се споменува. Формално-правно тој нема пречка за извршување јавна функција. Тој беше претседател на Советот на Општина Тетово, беше пратеник во Собранието.

Тогаш му беше одземен имунитетот за овој случај, но знаете дека процесот формално беше завршен со автентичното толкување на Законот за амнестија од 2001 година. Значи, ви кажувам дека формално-правно нема пречка, меѓутоа еве и неформално можам да ги споделам и информациите коишто ги имам дека господинот Џемаили воопшто не бил дел од настаните за коишто се споменува. Но, во однос на компетентноста, во однос на образованието и искуството, апсолутно сметам дека е вистински човек на вистинско место.

Целото интервју прочитајте на „Радио Слободна Европа“