Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ја започна работната посета на Финска, каде се сретна со претставниците на „Големиот Комитет“ (Grand Committee) во рамките на финскиот парламент, предводени од Првиот заменик претседател на парламентот, Јани Макела. На средбата беа разменети мислења во однос на евроинтегративниот процес на земјата, и поддршката во оваа насока од страна на Финска во рамките на нивното претседателство со ЕУ, информираат од кабинетот на Османи.

„Северна Македонија има и политички и институционален капацитет за да го продолжи патот кон полноправно членство во Унијата, и ние како Влада, остануваме посветени на овој процес сè до полноправно членството во ЕУ и НАТО“, истакна Османи на средбата.

Во продолжение на посетата, Вицепремиерот Османи имаше средба и во Директоратот за автономија и еднаквост при Министерството за правда на Република Финска со Корина Таменма, висока претставничка за јазични прашања. На средбата беа разменети искуствата во однос на примената на двојазичноста во Финска, како земја која има успешна имплементација на овој процес. Во рамките на средбата беа разгледани и можностите за соработка во оваа насока, со цел успешна имплементација на Законот за употреба на јазиците и во Република Северна Македонија.

Во текот на посетата на Финска, Вицепремиерот Османи ќе има средби и со Министерката за европски работи, Тути Тупураинен, како и со Министерот за надворешни работи, Пека Хависто.

извор: Makfax