Во Струга, започна годишната конференција на Секретаријатот за европски прашања, на која, под работен наслов „Исчекор 2019“, вработените во СЕП, предводени од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во следните три дена, ќе ги сумираат резултатите од процесот на европски интеграции во 2018 година, како и обврските, перспективите, но и предизвиците кои ја очекуваат земјава во наредната 2019 година.

„Без лажна скромност, улогата на Секретаријатот за европски прашања изминатава 2018 година беше исклучително успешна, на што сум особено горд, а што е потврдено и од бројните соработници, меѓународни пријатели, но како потврда се покажува и во сите истражувања на јавното мнение“, истакна Османи во своето воведно обраќање.

Во иста насока Османи ја посочи претстојната 2019 година како година кога СЕП ќе преземе уште поголем товар во предводењето на општествените процеси во земјава, имајќи ги предвид преговорите кои се очекува да добијат финализација за време на јунските самити.

„Верувам во стручноста и капацитетите на СЕП да го предводат овој процес, и верувам дека во 2019 година ќе ја оправдаме довербата која ни ја укажува државата, Владата, меѓународната заедница, но и севкупно, јавноста“ изјави Османи пред присутните, најавувајќи зголемување на капацитетите и на СЕП, како водечка институција во преговорите, но и воопшто на целата преговарачка структура која како главен преговарач ја предводи токму тој.

Годишната конференција на Секретаријатот за европски прашања се одржува традиционално кон крајот на годината, а на истата Секретаријатот врши целосен преглед на состојбата, напредокот, предизвиците и перспективите на европските интеграции.

извор: Makfax