ВО НЕДЕЛА ВО ЖИВО ОД ЛОС АНЏЕЛЕС

Оскарите се доделуваат во недела, а во Македонија директниот пренос може да го следите ексклузивно на телевизија Сител. Ноќ на Оскарите започнува од 23.30 часот, а во студиото на Сител повторно ќе се појави познатата водителка Миланка Рашиќ. Со неа ќе коментираат модниот дизајнер Ненад Секирарски, кој е задолжен за модните коментари, и Кристијан Даниловски, директор во компанијата за анимација ФХ3Х, кој работеше и на Оскаровци како “Златниот компас” и “Ранго”, па има што да каже околу филмовите.

Како и секоја година, Американската филмска академија најавува вистински спектакл за доделувањето на наградите во театарот Долби во Холивуд. Настанот ќе го пренесуваат преку 225 држави во светот. 85-то доделување на Оскарот е една од најгламурозните церемонии на доделување награди во светот, а ќе ги видиме актерските ѕвезди како Даниел Деј Луис, Дензел Вашингтон, Роберт де Ниро, Сали Филд, Хју Џекмен, Томи Ли Џонс, Хелен Хант, Жоакин Феникс, Наоми Вотс…

Врвни имиња се номинирани во разни категории како Стивен Спилберг и Анг Ли (режија), Квентин Тарантино (сценарио), Бен Афлек и Џорџ Клуни (продуценти во категоријата најдобар филм).
Од Сител најавуваат дека прво ќе се проследи пристигнувањето на ѕвездите на Оскаровската церемонија на црвената патека, како и куси интервјуа со номинираните за Оскар и поранешните добитници пред самиот театар Долби во специјалната програма Одбројување до Оскарите. Потоа започнува лудилото наречено Ноќ на Оскарите кое најиздржливите ќе можат да го следат до рано утро. (Де.Т.)

Во живо ќе пеат Адел, Барбара Стреисенд…
Потоа започнува 85-то Оскаровско шоу во театарот Долби, на кое ќе се појават и оскаровците Мерил Стрип, Никол Кидман, Чарлиз Терон, Хали Бери, Сандра Булок, а се очекуваат и извонредни музички настапи во живо на Адел, Барбара Стреисенд, Ширли Бејзи и Нора Џонс.

Оскарите слават 50 години Бонд
И оскаровската манифестација се приклучува кон славењето на јубилејот 50 години од првиот Бонд филм, па делот посветен на филмовите со агентот 007 се најавува како посебно атрактивен.

Кој има најмногу номинации?
Најмногу номинации, 12 има филмот “Линколн” во режија на Спилберг, 11 номинации има “Животот на Пи” на Анг Ли, по 8 имаат “Клетници” на Том Хупер и “Silver Linings Playbook” на Дејвид О’ Расел, а “Арго” на Бен Афлек има 7 номинации.

Снимка во понеделник
За оние што нема да можат да го следат доделувањето на Оскарите, снимка од Оскаровското шоу во траење од 2 часа ќе се емитува следниот ден, понеделник, исто од 23.30 ч.